Се гради нова градинка во Горно Лисиче

05.01.2016 16:41

Следејќи ја статистиката за наталитетот во Општина Аеродром, реална е потребата од градење детски градинки, велат надлежните. Во 2008-та, 30 трето родени деца. 2014 – 59, а во првите девет месеци од 2015-та биле родени 682 трети деца.

За шест месеци ќе биде изградена нова детска градинка во Горно Лисиче. Ќе има капацитет за 100 дечиња. Се гради во дворот на училиштето „Гоце Делчев“. Следејќи ја статистиката за наталитетот во Општина Аеродром, реална е потребата од градење детски градинки, велат надлежните. Во 2008-та, 30 трето родени деца. 2014 – 59, а во првите девет месеци од 2015-та биле родени 682 трети деца. Премиерот Груевски апелираше, изградбата и опремувањето на градинките да не се кочи, зашто тоа не е во интерес на децата.

„Нашите политики се да им олесниме и да ги поттикнеме родителите да имаат повеќе деца и да ги прошират своите семејства. Македонија да раѓа нови генерации, да се зголеми наталитетот, државата да се подмлади и да има на кого да го оставиме сето она што денес го создаваме“, рече премиерот Никола Груевски.

Новата градинка ќе биде енергетски ефикасна и ќе овозможи современи услови за згрижување на децата. Предвидено е да има две големи занимални, простор за прием, кујна, санитарии и администрација.

„Со новата градинка што денеска почнуваме да ја градиме нема да запреме. Во текот на оваа година ќе изградиме уште една градинка во склоп на градинката Срничка, а во рамките на градинката Буба Мара, ќе изградиме уште еден објект со капацитет од повеќе од 200 дечиња“, најави градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски.

Инвестицијата ќе чини околу 12 милиони денари, таа е втора заедничка инвестиција на општината и ресорното министерство.

„Наша обврска е да го оствариме тоа што сме го ветиле. Ќе има уште многу градинки во следните години, минимум по 10 годишно“, вели Диме Спасов, заменик-министер за труд и социјална политика.

Во последните неколку години изградени се 43 детски градинки низ државава.

Наташа Гркова- Петрушевска