Намалени трошоците за живот и цените на мало
Според ДЗС, движењето на трошоците било различно по одделни групи на потрошувачка.

Трошоците на живот лани во однос на 2014 година биле пониски за 0,3 отсто, а цените на мало за 1,3 проценти, соопшти денеска Државниот завод за статистика.
Според ДЗС, движењето на трошоците било различно по одделни групи на потрошувачка. Намалување е забележано во групите Транспорт за 9 отсто и Комуникации за 4,9, додека пораст има кај Алкохолни пијалаци, тутун за 5,4 проценти, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 2, Здравје за 1,5, Ресторани и хотели за 1,2, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 1,1, Рекреација и култура за 0,8, Облека и обувки за 0,4, Храна и безалкохолни пијалаци и Образование за 0,1 процент. Групата Останати стоки и услуги е на ниво од претходната година.
Движењето на цените на мало, исто така, било различно. Намалување е забележано во групите Индустриско-непрехранбени производи за 3,4 и Услуги за 0,7 отсто, а пораст кај Земјоделски производи за 3,3 и Пијалаци за 0,6 проценти. Групата Индустриско-прехранбени производи е на ниво од претходната година.
Трошоците на живот во декември 2015 година вo споредба со декември 2014-та се намалени за 0,3 отсто, а цените на мало за 0,4 проценти.
