2015-та најуспешна година за Агенцијата за млади и спорт

08.01.2016 15:11

2015-та, најуспешна година со изградени 56 спортски објекти, велат од Агенцијата за млади и спорт (АМС). Од проектот за изградба на 35 спортски сали, досега се изградени 33, последните две се во фаза на градба. Минатата година почна со градба и затворениот пливачки базен во Охрид. За сите овие проекти во 2015-та година од буџетот на Агенцијата се издвоени околу 210 милиони денари, а за оваа година буџетот за капитални инвестиции на Агенцијата е двојно зголемен.

Изградени 56 спортски објекти, зз спортски сали, 19 повеќенаменски игралишта, 35 тениски терени – Aгенцијата за млади и спорт со отчет за сработеното во 2015-та. Како најкрупен, посочен проектот за изградба на  затворен пливачки базен во Охрид,  вреден 5 милиони евра. За годинава, буџетот за капитални инвестиции на Агенцијата е двојно зголемен.

„Годинава со уште позасилена динамика ќе продолжиме со реализација на типските проекти, како изградба на нови спортски сали, повеќенаменски игралишта, тениски терени, но и реконструкција на веќе постоечки спортски објекти“, нагласи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Агенцијата обезбедила финансиска поддршка за спортистите, доделила 500 стипендии за млади и талентирани спортисти, наградени најдобрите ученици на спортските игри. Се испратиле тренери на стручна специјализација, се работело со наставниците во основното и во средното образование. Прогласени спортските амбасадори.

„Еден од најголемите приоритети и предизвици со кои се соочивме минатата година, во позитивна смисла, е изготвувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која ја изготвивме во соработка и со поддршка на UNDP“, рече директорот на Агенцијата, Марјан Спасески.

Директорот на Агенцијата вели дека новата стратегијата ќе се фокусира на младите, со цел целосно искористување на нивниот потенцијал.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска