Македонија ќе добие центар за трансплантација
Во земјава ќе се отвори Центар за трансплантација на органи. Ќе биде сместен во болницата „8 Септември“. За почеток на работата ќе бидат вложени над милион евра. Ќе се вршат најсложените интервенции на бубрег, црн дроб и и срце за кои досега се одеше во странство...

Во Македонија ќе се формира нов Центар за трансплантација. Овде ќе се вршат најсложени пресадувања на органи и ткива и напредни хируршки интервенции, најави премиерот Никола Груевски. Пациентите од земјава кои веќе чекаат да бидат оперирани повеќе нема да мора да патуваат во странство.
Груевски најави дека новиот Центар ќе биде сместен во Клиничката болница „8 Семптември“, а во него ќе работат врвни специјалисти. Законот го мина владиниот филтер, а донесена е и програмата за трансплантација.
„Законот предвидува да се формира Центар за трансплантации во кој ќе влезат најдобрите научници, академици од МАНУ, врвни лекари, но и млад кадар кој ќе се обучува и каде ќе се врши трансплантација на бубрег, срце и на црн дроб. Усвоена е и програмата за трансплантација на бубрег, срце и црн дроб“, рече премиерот Никола Груевски.
Клиниката за трансплантација ќе има хируршки одел, оддел за анестезија, лабораторија, хоспитален дел и оддел за радиологија. Вакви центри постојат во повеќе европски и светски земји - Англија, Франција, Израел.
Со новиот Закон се очекува трансплантацијата во земјава да се издигне на повисоко ниво и да се регулира оваа дејност. Имајќи предвид дека во дел од соседните земји трансплантацијата не е развиена, а потребите на пациентите се големи, Груевски рече дека ваквиот Центар за трансплантација би се промовирал како Центар за изведување трансплантација на бубрег од жив дарител и кај странски државјани.
Почетниот буџет на оваа здравствена установа ќе изнесува 64 милиони денари.
Викторија Милевска
