Светска банка

Македонската економија со 3,4% раст оваа година, по 3,7% во наредните две

08.01.2016 17:01

3,4% раст оваа година, по 3,7% во наредните две – прогноза на Светска бнака за македонската економија. Земјава има динамика поголема за половина од просекот на регионот на Европа и на Централна Азија...

Македонската економија во 2016-та ќе оствари раст од 3,4%, прогнозира Светска банка во публикацијата „Глобални економски перспективи“. Растот во наредните две години  ќе добие на динамика и во 2017-та и 2018-та домашната економија ќе забележи зголемување од по 3,7% годишно.

Овој раст охрабрува имајќи го предвид фактот дека економскиот раст во регионот на  Европа и во Централна Азија ќе забави од ланските 2,3 на само 2,1%. Причина за скромната економска динамика се влијанието на намалените цени на нафтата врз  источниот дел од регионот, конфликтот во Украина и последователните ефекти од рецесијата во руската федерација. Западниот дел од регионот ќе има бенефит од намалените трошоци за увоз на горива и умереното закрепнување во еврозоната.

„Повеќе од 40 насто од сиромашните во светот живеат во земјите во развој каде што растот  забави во 2015 година. Тие треба да се фокусираат на градење издржливост на послаба економска средина и заштита на  најранливите. Придобивките од реформите во управување и условите за бизнис се потенцијално големи и може да помогнат  во неутрализирање на ефектите на бавниот раст на поголемите економии“, вели Џим Јонг Ким, претседател на Светска банка.

Во споредба од пред шест месеци, ризиците се зголемени, особено оние поврзани со можноста  за хаотичен  застој во поголемите водечки економии, вели потпретседателот и главен економист на Светска банка, Каушик Басу, препорачувајќи продолжување на структурните и на фискалните реформи во функција на растот.

„Комбинација на фискалната и политиките на Централната банка може да биде корисно за ублажување на ризиците и поддршка на растот“, смета Каушик Басу –потпретседател на Светска банка и главен економист.

Од земјите во регионот на Западниот Балкан, за Турција и Косово во 2016-та Светска банка прогнозира раст од 3,5%, Албанија 3,4%. Црна Гора ќе забележи раст од 2,9% додека Босна и Херцеговина и Бугарија ќе се развиваат со 2,3% односно 2,2%. Најслаби се очекувањата за Србија за која се очекува раст од само 1,8%.

 

Свето Николовски