Несторовски каратист на годината, Стојановски реизбран за претседател
Синоќа беа прогласени најдобрите во 2015 година, во која одново беа остварени завидни резултати.

Карате федерацијата на Македонија последниве неколку години се етаблира како една од водечките спортски организации и во земјава, препознатлива и во меѓународните организации. Синоќа беа прогласени најдобрите во 2015 година, во која одново беа остварени завидни резултати. За најдобар каратист е избран Мартин Несторовски, кој освои бронзен медал на Првите Европски игри во Баку во најтешката категорија +84 кг, а беше носител на бронза и на јубилејното 50 Европско првенство во Истанбул. За нијанса зад него е знаменосецот од Европските игри Емил Павлов кој на Македонија исто така и донесе бронзен трофеј од Баку, натпреварување во кое од македонските претставници во 9 спортови, единствено каратистите се закитија со медали. Најдобра сениорка е Наташа Стефановска, пред Поликсенија Јованоска и Симона Заборска. Најдобри помлади сениори се Фери Исиќ во машка и Бојана Јанева во женска конкуренција. Кај јуниорите најуспешни се Петар Заборски и Маријана Димоска, а кај кадетите Фаик Весели и Вероника Костовска. Најуспешен тренер е Мирче Јанушевски, а неговиот клуб Металург ги доби почестите за најдобра екипа.
Прогласувањето на најдобрите беше завршен чин на карате денот, во кој претходно на Изборното Собрание едногласно беше избран старо-новиот претседател Драган Стојановски, под чие раководство федерацијата ги оствари најголемите успеси во историјата. По освојувањето на голем број трофеи во континуитет од европските и светските шампионати како и од првите Европски игри во изминатите 8 години, следна висока цел е освојување на Олимписки медал во Токио, со оглед на тоа што според многу параметри каратето ќе влезе во програмата за ОИ во 2020 година.
