Средба Груевски- Бајден во Вашингтон

11.01.2016 08:52

Билатерални и глобални прашања ќе бидат централни теми на средбата меѓу американскиот потпретседател Џо Бајден и премиерот Никола Груевски во Белата куќа...

Реформите и демократските процеси во Македонија, активности за продлабочување на меѓусебните односи и соработка, зголемување на економската соработка и трговијата, безбедносни прашања и интеграцијата на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, ќе бидат темите на разговор во Белата куќа меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и американскиот потпретседател Џо Бајден.

Македонија и САД важат за партнери кои меѓусебно се поддржуваат, имаат потпишано Декларација за стратегиско партнерство и остваруваат блиска соработка на политички и економски план.

Претстојната средба е значаен чекор во унапредувањето на односите меѓу САД и Македонија, велат од Владата.

Средбата Груевски- Бајден што ќе се одржи попладнево по американско време е втора по ред. Првата беше во февруари 2011-та. И тогаш реформите во Македонија и решавањето на спорот со името беа во фокусот на разговорите.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ