Грција ги обединува македонските политички партии
Единствени во пораките, прецизни во форумалциите
Слика и реторика што ретко се гледа, политичките партии во македонскиот парламент да се обединиат. Откако ги слушнаа веќе познатите приоритети на грчкото претседателство со унијата во првото тромесечје од годината, во кои отсуствува проширувањето, искористија можност здружено да изреагираат пред грчкиот шеф на канцеларијата за врски во Скопје, Лалакос.
„ Земјата која што до пред пет или десет години во секое јавно европско излагање го споменуваше проширувањето како еден од клучните приоритети, во нејзината надворешна и европска политика, денес во моменти кога претседава со ЕУ, за жал го нема проширувањето како свој приоритет, “ истакна Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Гордан Георгиев, пак, од СДСМ, пред грчкиот претставник истакна: „ На Република Македонија имам впечаток дека премногу и се бара и предолго, премногу и се бара. “
„ За грчкото претседателство со ЕУ решавањето на ова долгогодишно политичко прашање меѓу Македонија и Грција кои инаку функционираат сосема нормално, би било вистински успех “, смета Хајрула Мисини од ДУИ.
Пратеникот на ДПТМ, Кенан Хасипи рече: „ Грција треба да ја покаже својата лидерска улога и да го повлече целиот регион напред кон ЕУ. “
Лалакос запишуваше за да пренесе во неговата земја, но беше јасен дека нема можност за промени во намерите и политиките на неговата земја. Потенцираше дури и дека предвидениот самит меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан нема да се случи додека Грција е на чело на унијата. Ќе чекале подобри времиња кога Унијата ќе закрепне од економската криза.
„ Нашето претседателство ќе промовира политики и приоритети кои што ги создаваат потребите на граѓаните од Унијата, “ рече шефот на грчката канцеларија за врски во Скопје, Харис Лалакос.
Македонија не се откажува и ќе продолжи со реформите, рече вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими. Пред грчкиот претставник изрази надеж дека многу брзо ќе оствари средба со неговиот колега од оваа земја.
Катерина Топалова
