Питомци од Македонија на најстариот воен универзитет во САД

11.01.2016 14:15

Двајца питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ годинава еден семестар ќе студираат на „Норвич“, најстариот воен универзитет во САД. Во наредниот период се очекува и студенти од престижниот универзитет да престојуваат во државава. Образованието и обуката на припадниците на Армијата се приоритет.

Никола Манев и Роберто Велковски се првите двајца питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ кои годинава еден семестар ќе студираат на „Норвич“, најстариот воен универзитет во САД. На приемното тестирање Манев кој на академијата има просек 9,96 освоил 100 бода од можните 120, а неговиот колега Велковски е со просек 9,80. На тестот по англиски освоил 91 бод. Идните армиски офицери, велат дека ова е добра можност за надоградување во образованието.

„Претставува шанса да се продлабочи соработката и да се афирмира Воената академија како институција, а и ние како питомци да се здобиеме со нови и да ги продлабочиме веќе постоечките знаења, како од воената област, така и од областа на општествените науки“, вели Никола Манев, питомец на Воената академија.

„Тежнееме кон одбранбениот систем на НАТО, имаме развиено пријателства, така што сето ова ќе ни помогне понатаму во кариерата“, додава Роберто Велковски, питомец на Воената академија.

Во идната академска година се очекува и студенти од „Норвич“ да студираат на Воената академија во Скопје. Образованието и обуката на припадниците на Армијата се приоритет, вели ресорниот министер Јолевски. Токму затоа, се развива соработката и можноста за размена на студенти со едни од најреспектираните воени универзитети во светот, меѓу кои и со најстариот приватен воен универзитет „Норвич“.

„Во напредна фаза сме во разговорите со универзитетот во Норвич, да имаме магистерски студии во областа на сајбер безбедноста, бидејќи оваа институција е една од најреномираните во САД во оваа област“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

На Универзитетот „Норвич“ во Вермонт има питомци и од земји кои не се членки на НАТО. Од илјада и 500-ни студенти на додипломски студии, 900 се питомци, а 600 студенти, цивилни лица кои имаат заеднички програми. Во наредниот период од универзитетот „Колорадо Спрингс“ од 6-те најдобри, треба да селектираат студенти кои ќе се образуваат таму. Започната е и процедура за прераснување на Воената академијата во Национален универзитет за одбрана и безбедност, што дополнително ќе влијае на понудата на студиските програми и на квалитетот на наставата.

Милчо Велески