Со заштеда на енергија до поголема конкурентност на компаниите

11.01.2016 14:51

Седумнаесет компании ја подобрија конкурентноста преку проектот на УСАИД за индустриски менаџмент. Со инвестиција од 20 до 50.000 евра во зависност од големината на компанијата, остварија заштеди до 10 проценти. Системот за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија, помогна да се зголеми конкурентноста во индустријата...

Седумнаесет домашни компании ја подобрија конкурентноста преку проектот за индустриски менаџмент. Со инвестиција од 20 до 50.000 евра во зависност од големината на компанијата остварија заштеди до 10 проценти. Системот за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија помогна да се зголеми конкурентноста во индустријата,  велат од УСАИД. Инвестициите во енергетска ефикасност преку намалувањето на потрошувачката на енергија во индустријата овозможија вложувања во нова опрема и технологии.

„Реализацијата на овој проект дава мотив на индустриските компании во земјава да се заложат за намалување на потрошувачката на енергија и на трошоците за истата. Преку тоа ќе го зголемат својот имиџ, ќе го зголемат својот профит, ќе ги мотивираат своите вработени, а индиректно ќе влијаат и на подобрување на конкурентноста на своите производи“, изјави Дејан Блажев, директор на Проектот за индустриски менаџмент на УСАИД.

Системот е комбинација од хардвер и софтвер и е веб­ базиран. Врши мониторинг на потрошувачката на енергија и компаниите имаат увид во потрошувачката. Со него може да се следи потрошувачката на енергија на една или повеќе локации.

Потрошувачката на енергија зависи од типот на индустријата, од приходот кој го остварува, но и од средствата кои ќе се вложат во системот за мониторинг на енергија. ­ Кај енергетски интензивните индустрии, како што е металната, намалувањето на потрошувачката на енергија е императив во работењето од кој зависи и опстанокот на компанијата на пазарот, вели Блажевски.

Проектот за индустриски менаџмент на УСАИД има за цел подобрување на конкурентноста на стопанството и енергетската стабилност на Македонија и намалување на емисиите на стакленички гасови.

 

Дијана Ценевска