Отворен Руски центар во составот на УКИМ
Уште еден мост за зацврстување на пријателските Македонско- руски односи. Отворен Руски центар во рамките на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ кој ќе ги промовира руската култура и јазик. Македонија станува 46- та земја со ваков центар.

Во Македонија се отвори Руски центар. Со ова, сите кои имаат интерес за оваа земја , за нејзината богата историја, култура и наука, добиваат можност да го изучуваат рускиот јазик, да читаат руски книги, весници и списанија, да гледаат во живо телевизиски програми, да организираат изложби, образовни и научни состаноци. Според ректорот на УКИМ, во чиишто рамки функционира центарот, изграден е нов мост за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји.
„Рускиот центар ќе биде место каде што не само студентите по руски јазик и воопшто студентите на УКИМ, туку и граѓаните ќе можат да го изучуваат рускиот јазик, култура и уметност“, изјави ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ стана 106 – та членка во мрежата на центри на „Руски мир“. Македонија е 46 земја во ваков центар.
„Верувам дека центарот ќе им помогне на македонските граѓани, особено на младите луѓе, подобро да се запознаат и да ги сфатат минатото и сегашноста на Русија, нејзините повеќевековни духовни корени и традиционални вредности кои се многу битни за нашите народи и денес“, рече рускиот амбасадор во Македонија, Олег Николаевич Шчербак.
Руската федерација е голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач на Република Македонија, истакна министерката за култура.
„Наскоро ќе ја потпишеме и новата Програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот за периодот 2016-2019 година во чии рамки планираме реализација на повеќе комплексни активности, заеднички програми и проекти“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Рускиот е четврти центар во рамките на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по италијанскиот, турскиот и кинескиот.
Ана Јосифоска- Тодоровска
