Димовски избран за претседател на Анкетната комисија за аферата со фалсификуваните лични документи

11.01.2016 16:25

Собраниската комисија за избори и именувања ја состави Анкетната за расчистување на аферата со фалсификуваните лични документи. СДСМ не предложи свои членови. Од опозициската партија се изјаснија дека ова е дефокусирање на реланите проблеми. ВМРО ДПМНЕ со став дека треба да се утврдат одговорни за фалсификувањето на документите.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, е избран за претседател на Aнкетната комисија за расчистување на аферата со фалсификуваните лични карти, пасоши и останати документи. За Потпретседател e  избран -Љупчо Димовски. Ваква одлука донесе Комисијата за изборите и именувањата откако беше побарано од сите пратенички групи да достават предлози. Претставници на СДСМ не присуствуваа на седницата и не предложија свои членови.

„Во моментот кога пратеничката група на СДСМ ќе достави предлози за членови на Анкетната комисија итно ќе свикам седница и тие предлози ќе бидат вградени во составот на Анкетната комисија“, рече Зоран Илиоски, претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески изјави дека тие нема да учествуваат во Анкетната поради како што рече – за се што е поврзано со скандал, а не со политичка одговорност – постојат институции.

„Ова Собрание веќе има формирано Анкетна комисија согласно договорот од Пржино, а таа е поврзана со скандалот со прислушувањето и ги опфаќа сите работи поврзани со политичка одговорност на избрани и именувани функционери во оваа држава“, изјави Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Исто како и Анкетната за прислушувањето и оваа комисија ќе брои 16 члена. Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се избрани Трајче Димков, Благоја Деспотовски, Лилјана Кузмановска, Благица Ласовска, Андон Чибишев и Драган Данев. Талат Џафери и Ејуп Рустеми ќе ги претставуваат ДУИ, а Газменд Аљији е членот од ДПА. Како независен пратеник во работата на оваа Комисија е избрана Солза Грчева.

 


Анита Димитријевска