Жители на Тафталиџе бараат да се донесе деталниот урбанистички план
Жители на Тафталиџе бараат да се донесе деталниот урбанистички план. Сметаат дека на овој начин ќе се исправи историска неправда. За советниците на СДСМ – измените се незаконски, од Општината велат – запазена е процедурата...

Жители на Тафталиџе 1 бараат да се донесе деталниот урбанистички план за нивната населба. Како што велат со ова ќе им се исправи историската неправда нанесена во 1965 година кога им биле одземени 100 хектари земја, а вратени едвај 9 насто. Бараат СДСМ да не го попречува донесувањето на дупот за тие како законски наследници да можат да си го решат станбеното прашање.
Жителите објаснуваат дека на местото каде што се наоѓа привремениот штаб на СДСМ за кој партијата немала имотен лист, а се наоѓа како што велат на нивна земја, требало да се изгради улица преку која ќе се стигнува до нивниот имот. Поради овој проблем жителите долги години не можеле да ги продадат имотите, ниту да градат куќи.
Советниците на СДСМ во Општина Карпош сметаат дека незаконски се донесени измените на детално- урбанистичките планови. Бараат од Државниот инспекторат за локална самоуправа да направи вонреден инспекциски надзор за начинот на кој биле донесени плановите за Тафталиџе 1 и Карпош 3. Од Општина Карпош одговорија дека одлуките се однесуваат на измени на поединечни блокови како парцелизирање на земјиште и сообраќајна мрежа и дека е запазена целата процедура.
Викторија Милевска
