Груевски: САД останува стратешки партнер на Македонија

11.01.2016 23:56

Америка е партнер на Македонија. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ и нивната поддршка на тој правец ќе биде многу значајна за нас во иднина- изјави премиерот Груевски по средбата со американскиот потпретседател Џо Бајден.

Премиерот Никола Груевски доцна вечерва по македонско време, во Вашингтон оствари средба со потпретседателот на САД Џо Бајден.

„Со господинот Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното гледање до сега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците, изјави Груевски по средбата. Америка е партнер на Македонија. Потпишавме Декларација за стратегиско партнерство во 2008 година, а во многу работи од САД имаме и сериозна поддршка“, изјави по средбата премиерот Груевски.

Премиерот Груевски и потпретседателот Бајден на средбата зборувале за повеќе теми.

„Зборувавме за политичкиот договор, зборувавме за реформите во повеќе сфери, зборувавме за економијата и економската соработка, зборувавме за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ и нивната поддршка на тој правец ќе биде многу значајна за нас во иднина“, изјави премиерот Груевски.

Премиерот Груевски пред средбата со Бајден, имаше средби и со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, како и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.