САД остануваат стратегиски партнер на Македонија

12.01.2016 10:56

Во Белата Куќа средба на потпретседателот Џо Бајден со македонскиот премиер Никола Груевски. Реформите во Македонија, интеграцијата во НАТО и во Европската унија, како и продлабочување на меѓусебните односи, дел од темите на разговорот. Ова беше нивна втора средба...

Македонија и Соединетите Американски Држави се стратешки партнери кои треба да ја продлабочат соработката на политички, економски и безбедносен план. Ова било заклучено на средбата во Белата куќа помеѓу премиерот Никола Груевски и американскиот потпретседател Џо Бајден. САД ќе продолжат со поддршката за интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Груевски и Бајден разговарале за предизвиците со кои се соочуваат двете земји.

„Со г-динот Бајден имавме одлична и пријателска средба. Од последното наше последно гледање досега се имаат случено многу добри работи, но и многу предизвици. Зборувавме и за добрите работи и за предизвиците. Америка е наш партнер. Ние имаме потпишано Декларација за стратешко партнерство во 2008-та година, и во многу работи имаме сериозна поддршка од Соединетите Американски Држави во овој изминат период. На средбата зборувавме за повеќе теми. Зборувавме за политичкиот договор. Зборувавме за реформите во повеќе сфери. Зборувавме за економијата и економската соработка. Зборувавме за безбедносните предизвици, но зборувавме и за членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина со Америка, особено на полето на влезот на Македонија во НАТО и во Европската Унија, и нивната поддршка во тој правец ќе ни биде многу значајна за нас во иднина“, изјави премиерот Груевски по средбата со американскиот потпретседател.

Претседателот на Законодавниот Комитет на Конгресот, Републиканецот Пити Сешн на средбата со премиерот Груевски ја поздрави економската политика на Македонија и покажа интерес за личен ангажман за унапредување на соработката на полето на инвестициите и трговската размена. Конгресменот Пити и премиерот Груевски разменија мислења за бегалската криза и потребата Македонија да стане полноправна членка на НАТО за поголема регионална стабилност и безбедност.

„Добредојдовте. Среќен сум што сте овде. Благодарам што одвоивте време. Америка е многу горда на Вашиот економски раст и развој што ја прави Вашата земја подобра. Ви благодарам што дојдовте да ме видите денеска“, рече конгресменот Пити Сешн.

„Благодарам, задоволство ми е што Ве сретнав“, одговори премиерот Груевски.  

„Ви благодарам што одвоивте време да бидете со нас. Ова е можност Вие да бидете во Соединетите Американски Држави и тоа е добро за Соединетите Американски Држави“, констатира конгресменот Пити Сешн

„Ви благодарам што не примивме. Задоволство и чест ми е да Ве запознаам. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Ние ја цениме поддршката што ни ја дававте во изминатите години“, потенцира Груевски. 

За време на неколку часовната посета на Вашингтон, Груевски се сретна и со Алан Берсин, заменик секретарот на американската национална агенција за домашна безбедност, Хоумленд Секјурити и потпретседател на Интерпол. Од оваа среба договорена е поголема соработка на безбедносен план и при превенцијана безбедносните ризици.

Втората средба во Белата куќа меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и американскиот потпретседател Џо Бајден траеше 45 минути. Тие првпат се сретнаа во февруари 2011-та година.

 

Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ