Eксплозија во центарот на Истанбул, најмалку 10 жртви
Голема експлозија на плоштадот „Султан Ахмет“ покрај трамвајската станица и Сината Џамија во Истанбул, каде што вообичаено има многу туристи. Турските медиуми јавуваат за 10-на загинати и 15-на повредени. Полицијата го блокира местото на инцидентот. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот. Во обраќањето до нацијата претседателот Ердоган рече дека нападот го извршил бомбаш самоубиец, што дошол од Сирија, поврзан со ИД.

Најмалку 10 лица меѓу кои туристи од Германија, Норвешка и од Јужна Азија загинаа, а 15 се ранети во експлозија на бомба во центарот на Истанбул. Според непотврдени извори, бомбаш самоубиец се разнел на плоштадот, во близина на група туристи кои го разгледувале градот. Експлозијата се случила на централниот плоштад Султанахмед, покрај една од најголемите туристички атракции позната како Сината Џамија. Очевидци тврдат дека се слушнале уште неколку експлозии, а полицијата ја блокирала областа над која постојано прелетуваат хеликоптери.
Според друга верзија, експлозивната направа наводно била поставена под една клупа покрај џамијата. Според информациите од медиумите, меѓу жртвите има и германски државјани.
Еден очевидец раскажува како на местото на инцидентот се гледал црн чад и како луѓето панично бегале. Меѓудругото истакнал дека на местото пристигнале околу 60-ина возила на брзата помош и дека полицијата се обидувала да ја евакуира областа во случај на нова експлозија.
Турски „Хуриет“ пренесува дека едно полициско возило било превртено на пат кон местото на експлозијата. Се уште никој не ја презел одговорност за нападот.
Истовремено избил голем пожар во хотел во областа Малтепе, на азиската страна на Истанбул. Според првичните информации, во хотелот останале заробени повеќе луѓе. Не се знае дали има жртви, ниту дали пожарот е поврзан со експлозијата во центарот на градот.
Во Турција лани се случија два големи бомбашки напади. Повеќе од 30 луѓе беа убиени во јули, во самоубиствен напад на Исламска држава во Суруч, во близина на границата со Сирија. Во вториот напад, во октомври, двајца бомбаши самоубијци пред главната железничка станица во Анкара убија повеќе од 100 луѓе за време на мирен собир.
Марина Автовска
