„Купи куќа за млади“ во финална фаза во Собрание

12.01.2016 14:36

Усвоени се два амандмана: со првиот, проектот се прошири и за оние кои имаат полни 35 години. Со вториот, ќе можат да аплицираат и оние кои имале стан или куќа на свое име, но во последните три години ги оттуѓиле за купување на поголем дом.

Проектот „Купи куќа за млади“ е во финална фаза во Собранието, доби зелено светло од матичната комисија. Усвоени се два амандмана: со првиот, проектот се прошири и за оние кои имаат полни 35 години. Со вториот, ќе можат да аплицираат и оние кои имале стан или куќа на свое име, но во последните три години ги оттуѓиле за купување на поголем дом.

„Со измените на законот ќе може да се имплементира проектот „Купи куќа за млади“ кој е еден чекор понатаму од постоечкиот проект „Купи куќа, купи стан“, а е наменет за младите луѓе кои немаат сопствен дом. Со измените на законот за младите луѓе се подобруваат условите од претходниот закон и се овозможува младите лица да добијат повисок износ на субвенции и подолго да бидат субвенционирани доколку преку проектот земат кредит за купување, изградба, надградба или доградба на куќа“ – истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го законот.

Проектот овозможува за период од 8 години, државата да субвенционира 80 отсто од месечната рата, а во следните 3 години – 50 насто. Со вториот модел, се покрива целосното учество за кредитот.

Како што посочи министерот за финансии овие посебни погодности се нудат за младите бидејќи тие кога се вработуваат на почетокот немаат заштеда. Затоа на овој начин државата им помага да земат и отплаќаат станбен кредит, односно им дава поддршка на почетокот.