Од силниот ветер 15-тина битолски села останаа без електрична енергија
Синоќа Битола беше под силно воздушно струење. Силниот ветар кој на моменти достигнуваше и до 100 км на час направи сериозни оштетувања во електричната мрежа. Жителите на 15-тина села од подпелистерието и пограничниот регион кон Грција ноќта и претпладнето го поминаа без електрична енергија. Во градот има срушено неколку дрва и билборди, но екипите на ЈП Комуналец го расчистуваат теренот.

Жителите на 15-тина битолски села од подпелистерието и пограничниот регион кон Грција ноќта и претпладнето ги поминаа без електрична енергија во своите домови и деловни објекти. Силниот ветар кој на моменти достигнуваше удари и до 100 километри на час направи сериозни оштетување во електричната мрежа. Во најголем дел се работи за откинати жици поради кој беше прекината редовната дистрибуција до овие реони. Од невремето сосема мали оштетувања има и на дел од покривите, а искинати се и најлоните на пластениците, мештаните велат дека синоќа на моменти се чувствувале непријатно. Дефектот ги пореметил и нивните секојдневни активности
„Синоќа беше страшно неможевме да заспиеме од силните удари на ветрот, еве и денеска бев на лекар тука, но не им работаат компјутерите, не можеа да ми пишат рецепт“, вели жителка на село Кравари.
„Ние со жената сме стари луѓе се осеќавме како да сме во некоја голема темнина“, вели друг нејзин соселанец.
„Во еден момент си реков дека ќе ни ја крене куќата, но утринава гледам дека се искинати само најлоните од пластениците“, вели друга соселанка.
„Синоќа ветрот силно лупаше, страшно беше еве претпладнево дојде малку струја, но пак прекина“, вели жител на село Кравари.
Екипи на ЕВН од утринава се на терен да се санира состојбата. Според информациите што ги имаме до пладне повеќе од половината села веќе добија електрична енергија. Интензивно се работи да се санираат линиите и до останатите погодени места.
Во градот нема некои поголеми штети. Паднати се неколку дрва и срушени билборди и рекламни паноа. Од ЈП Комуналец велат дека веднаш се испраќаат екипи за расчистување на теренот. Од пладне ветарот е со далеку послаб интензитет, а воздушниот го замени влажниот бран, кој според синоптичарите до крајот на неделава на планините треба да ги донесе толку посакуваните поголеми количини на снег.
Стевче Митревски
