Терористички напад: Исламска држава удри во срцето на Истанбул
Терористички напад во Турција. Бомбаш од Сирија се саморазнесе пред Сината џамија. Уби 10-ина, повредени 15-ина луѓе. Најголем дел од жртвите се германски државјани. Европската унија и НАТО го осудија актот, во Турција свикан состанок на државниот врв...

Исламска држава удри во срцето на Истанбул. Бомбаш- самоубиец, за кој турската полицијата има сознанија дека бил поврзан со џихадистите, изутрината се саморазнесе на централниот плоштад „Султан Ахмет“ во близина на Сината џамија, дестинација популарна за голем број туристи од светот. Десетина загинаа, петнаесетина се повредени. Меѓу жртвите и повредените има Турци, но и странски туристи, потврди претседателот Ердоган. Засилени се мерките за безбедност.
„Го осудувам терористичкиот напад кој го извршил самоубиец од сириско потекло. За жал има десетмина мртви. Овој напад покажа дека со заеднички сили треба да се бориме против тероризмот, не постои разлика меѓу ДАЕШ и ПКК“, рече Ердоган.
Турските безбедносни сили потврдија дека цел на напад биле туристите. Напаѓачот е веќе идентификуван. Турскиот премиер Давутоглу свика итен состанок на државниот врв.
„Изутрината во Истанбул се случи терористички напад. Десетмина загинаа. Го идентификувавме напаѓачот, станува збор за 28-годишен сириец. Сега подетално го истражуваме неговото минато, во корелација сме со министерството за надворешни работи“, изјави Нуман Куртулмус, министер за внатрешни работи.
Очевидци сведочат за страотна глетка во моментот на инцидентот. Хеликоптери го надлетуваат градот.
„Да, тоа беше самоубиствен бомбашки напад. Отидов до местото каде што сите беа во паника. Полицијата ги евакуираше луѓето од плоштадот поради можност од следни напади“, вели еден сведок.
Германија ги предупреди своите граѓани да избегнуваат патувања во Турција бидејќи се можни нови напади. Речиси истовремено со терористичкиот напад изби и голем пожар во хотел во областа Малтепе, на азиската страна на Истанбул. Според првичните информации, во хотелот останале заробени повеќе луѓе. Не се знае дали пожарот е поврзан со експлозијата во центарот на градот.
Во Турција лани се случија два големи бомбашки напади. Повеќе од 30 луѓе беа убиени во јули, во самоубиствен напад на Исламска држава во Суруч, додека во октомври, двајца бомбаши самоубијци пред главната железничка станица во Анкара убија повеќе од 100 луѓе за време на мирен собир.
Марија Петковска
