Се бара плац повеќе на Козјак
Вештачкото езеро Козјак станува вистинска хит дестинација за изградба на викенд куќи и хотели. Минатата недела се продадени нови 100 локации за изградба на викенд куќи. Досега се продадени 250 локации со големина од 300 до 800 квадратни метри, а до крајот на оваа година планирано е да се дадат на продажба уште 60-тина.
Вештачкото езеро Козјак станува вистинска хит дестинација за изградба на викенд куќи и хотели. Минатата недела се продадени нови 100 локации за изградба на викенд куќи. Досега се продадени 250 локации со големина од 300 до 800 квадратни метри, а до крајот на оваа година планирано е да се дадат на продажба уште 60-тина.
„И понатаму по течението на реката Треска ќе има урбанизација на деловни објекти, како што се ресторани, маркети, мотели, со што тука ја гледаме основата за развој на туризмот во Македонски Брод“, изјави за МРТ Милосим Војнески, градоначалник на Општина Македонски Брод.
Општина Македонски Брод наголемо работи за урбанизација на овој регион кој во иднина се планира да биде вистинска туристичка мека. Во план е да се изгради и пешачка и трим патека долга 8 км од селото Близанско до селото Здуње.
– Од Општината велат дека постои вистинска борба за купувањето на овие плацеви, почетната цена за купување е 1 евро за квадратен метар, а понатаму таа достигнува и до 25 евра за квадратен метар. 90 проценти од заинтересираните купувачи се луѓе од нашиот јавен живот, познати политичари и бизнисмени.
Освен за викенд куќи, голема била заинтересираноста за изградба на хотелски комплекси. Општината забрзано работи на подготовка на деталниот урбанистички план за да може да ги понуди и овие локации за кои има заинтересирано и странски инвеститори.
„Во моментов има продадено 2 локации за 2 хотела, и претходно ние најавивме дека е заинтересирана и холандско – турска компанија, која тука сака да гради хотелски комплекс, чија првична инвестиција според нивните најави е над 100 милиони евра и да вработат околу 160 луѓе“, додава Војнески.
Изработката на деталниот план и ставањето на овие локации за хотели на меѓународен тендер се очекува да биде за неколку месеци.
Новинар: Дарко Штаргоски
Снимател: Илчо Димески
