Обама: САД е најмоќна држава во светот, нашата уникатна сила е во диверзитетот
Состојбата на Унијата е силна. Соединетите Американски Држави ја имаат најдобрата економија и се најмоќната држава во светот. Вака американскиот претседател Барак Обама ја оцени состојбата на Унијата во своето последно осмо обраќање во Конгресот, кое беше потсетување на постигнатото и презентацијата на приоритетите во иднина. Тој ги отфрли мислењата на некои претседателски кандидати дека САД ја изгубиле лидерската позиција во светот.

Состојбата со Унијата е силна. Соединетите Американски Држави се најмоќната држава во светот и ја имаат најдобрата економија. Нашата уникатна сила е во диверзитетот. Вака американскиот претседател Барак Обама ја оцени состојбата во државата во своето последно обраќање во Конгресот. Во наредните години, Обама посочи четири приоритети на кои треба да работи новиот претседател: еднакви економски можности за сите Американци, развој на технологијата, светот да биде побезбеден без Америка да бидат светскиот полицаец и политиката да го потттикне најдоброто, а не најлошото во луѓето.
„Ќе продолжам да туркам напредок за работите што треба да се завршат. Поправка на системот за имиграција, заштита на нашите деца од насилство со оружје, еднакви плати за еднаква работа, зголемување на минималната плата. Сите овие работи се важни за семејствата и работните луѓе. Тоа е праведно да се направи и јас нема да застанам додека не се завршат“, изјави претседателот Обама.
Реформа на криминалниот систем и имиграцијата, еднакви плати за сите вработени и поголеми минимални надници, достапноста на образованието и социјална и здравствена заштита за сите Американци, ова ќе бидат приоритетите на коишто ќе работи американскиот претседател Барак Обама до крајот на својот мандат. Како прв приоритет ја посочи безбедноста на американската нација.
„Нашата надворешна политика мора да биде фокусирана на заканата од Исламската држава и Ал-Каеда, но не треба да се застане овде. Нестабилноста ќе продолжи со децении на многу места во светот, на Блискиот Исток, во Авганистан и Пакистан, во делови од Централна Америка, Африка и Азија. Некои од овие места ќе бидат безбедни оази за нови терористички мрежи, луѓе ќе бидат жртви на етнички конфликти што ќе предизвикаат нов бран бегалци. Светот очекува од нас да ги решиме проблемите и нашиот одговор мора да биде многу посилен отколку криење на работите под ќилим“, рече Обама.
Како единствена работа за која жали за време на неговиот мандат, Обама ја истакна зголемената недоверба помеѓу американските партии. Тој се заложи на идните генерации да им се остави почиста и побезбедна планета, со развој на чисти извори на енергија, медицински истражувања и иновации. Обама се заложи за реформа на гласачкиот систем и апелираше сите Американци да излезат на престојните претседателски избори.
Првото обраќање на американскиот претседател Барак Обама за состојбата на Унијата во Конгресот го проследиле 53 милиони Американци, а неговото последно обраќање околу 30 милиони.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
