Светска банка го одобри заемот од 25 милиони евра за подобрување на општинските услуги
Проектот има за цел да ги подобри транспарентноста, финансиската одржливост и инклузивноста во обезбедувањето на општинските услуги во целата земја.

Бордот на извршни директори на Светска банка го одобри заемот од 25 милиони евра за вториот проект за подобрување на општинските услуги во Македонија. Проектот има за цел да ги подобри транспарентноста, финансиската одржливост и инклузивноста во обезбедувањето на општинските услуги во целата земја.
Ќе се обезбедат подзаеми на општините за инфраструктурни инвестиции, како што се снабдување со вода, канализација, управување со цврст отпад, локални патишта, подобрувања во енергетската ефикасност на општинските згради и друга локална инфраструктура со висок приоритет која влијае врз добросостојбата на жителите и ефикасноста на услугите.
„Вториот проект за подобрување на општинските услуги ќе продолжи со поврзување на инвестициите во приоритетната инфраструктура со поголема транспарентност и одговорност на власта, и силен граѓански ангажман на локално ниво“, вели Елен Голдстин, директор за регионот на Југоисточна Европа при Светска банка.
Проектот се финансирана преку заем со рок на доспевање од 18 години, вклучувајќи и 5 години грејс период.
Со оглед на претстојниот изборен циклус во земјава, проектот ќе стапи на сила и повлекување на средствата ќе започне по завршувањето на парламентарните избори.
