Најавениот снежен бран ги мобилизира надлежните
Најавените врнежи на снег за време на викендот и ниските температури кои се очекуваат следната недела, повод за состанок на Кризниот штаб. Интервентните екипи се подготвени за дејствување во случај на поообилни врнежи и за помош на евентуално отсечени села. Апел до граѓаните да ги користат бесплатните телефонски линии во случаи на временски неприлики.

Најавата за нов снежен бран и минусни температури од идната недела ги мобилизираше надлежните институции. Тимовите на Кризниот штаб велат дека се подготвени да интервенираат во случај на невреме.
„Од понеделник се очекуваат ниски температури, ќе се прошират низ целата земја, а утринските температури на определени места се очекува да се симнат на минус 15 степени“, изјави Коста Лазаревски, државен советник во УХМР.
„Моменталната ситуација на патиштата е проодна, немаме некои застои и проблеми, врнежи од снег има на планинските превои, на Стража, Маврово и Пресека“, вели директорот на „Македонија пат“, Гајур Кадриу.
На градоначалниците им се препорачува директно да се вклучат во расчистување на патните правци во нивна надлежност, ако треба помош да се обратат до институциите. Посебно ќе се води сметка за планинските села кои поради обилните врнежи од снег може да бидат отсечени.
„Регионалните центри за управување со кризи посетуваа одредени повисоки места кои се очекува да бидат отсечени доколку паднат поголеми врнежи снег. Беа посетени тие места, се доставуваа потребни намирници, лекови“, соопшти Надица Вчкова, портпарол на ЦУК.
Во петок е најавен нов влажен бран во западните и северните делови од земјава. Снежната покривка за време на викендот ќе се прошири низ целата тероторија на земјата.
Анита Димитријевска
