Нова инвестиција: ГЕС во Бунарџик ќе произведува соларни панели и ЛЕД светилки
Германска компанија влегува во Бунарџик. Потпишан е договор за нова инвестиција вредна 15 милиони евра. Треба да се отворат 200 работни места. Погоните за изработка на соларни панели и на ЛЕД светилки треба да се отворат до крајот на годинава...

Двесте нови работни места ќе бидат отворени во германската компанија „Герман електро-мехатроник системс“ (ГЕС). Странскиот инвеститор ќе вложи 15 милиони евра. Во Бунарџик ќе произведува соларни панели и ЛЕД светилки. Градежните работи на новиот капацитет ќе почнат до март, а погонот е предвидено да се отвори до крајот на годинава.
„Задоволство е што сме денес тука да ја одбележиме нашата нова инвестиција во Македонија, која главно ќе се состои во производство на соларни панели и ЛЕД светилки, користејќи ги притоа последните технологии кои ги користиме во Германија. Го имаме и еден од најдобрите центри за истражување и развој којшто сакаме да го пренесеме и во Македонија и да ја направиме центар во поглед на одржливата енергија“, изјави претставникот на германската компанија Ахмед Алшаер.
Инвеститорот најавува дека ќе воведе врвна германска технологија, се очекува зголемен извоз од слободната зона во Скопје.
„Примарен пазар на компанијата ќе биде Блискиот Исток, а по една година и Европа и ќе најде примена во повеќе индустрии кои може да имаат придобивки од економично и еколошко осветлување. Со цел да се биде поблиску до овие пазари компанијата разгледуваше повеќе земји во регионот, но се одлучи производствената технологија од југоисточна Кина да ја префрли во Македонија пред се поради поволните бизнис услови, квалитетна работна сила и одличната инфраструктура“, нагласи министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески.
По потпишувањето на договорот за велешка „Порцелнка“ и со оваа инвестиција, во земјава треба да се отворат уште 1.200 работни места.
Наташа Јанчиќ
