Православните верници вечерва ќе слават Стара Нова година

13.01.2016 16:40

Вечер е Стара нова година, утре Василица. Православните христијани се подготвуваат за прослава, раце тријат и угостителите. Очекуваат зголемен промет.

Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Православната нова година. Многу семејства ja подготвуваат софрата како за Новогодишната ноќ. Во кафеаните и рестораните се одвиваат подготовки за пречекот. Менаџерите велат дека се уште се почитува традицијата да се прославува Старата нова година и интересот кај луѓето е голем. Се прават резервации уште од пред една седмица. Им се нудат различни програми и менија.

„Од храна имаме разно разни ордевери, топли и ладни даски, морски специјалитети, дивеч и се разбира со тоа оди и квалитетно вино“, вели еден менаџер на угостителски објект.

Многумина ќе останат во своите домови. Дури и странците слушнале за оваа традиција, па можеби ќе се приклучат на прославувањето.

„Ја славиме Стара нова година. Нема да одиме во кафеана, ќе пославиме дома.“

„Знам дека го славите Божиќ и Нова година малку подоцна од другите.“

„Јас прославив пред тринаесет дена“, велат анкетираните.

Според овој календар новата година почнува со Василица. Некои ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден. Слично како и на Бадник, на семејната трпеза се крши погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од калуѓерите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.

 

Фиљана Кока