Малигно болните полесно до терапија
Ќе се растовари Клиниката за онкологија во Скопје. Нова политика на Министерството за здравство во соработка со повеќе здравствени установи низ државата. Пациентите терапијата ќе можат да ја добиваат во здравствените установи поблиску до нивното место на живеење. Дисперзираното давање терапија веќе почна во Клиничката болница во Тетово. До април ќе биде комплетно покриена цела територија на Македонија.

Малигно болните ќе ја добиваат терапијата во болниците до местото на живеење. Новиот проект на Министерството за здравство предвидува две фази. Првата опфаќа хормонска, антихормонска и бифосфонантна терапија, втората- дисперзирање на хемотерапија.
„Увидовме дека потешкотии создава централизираното давање терапија како таблетарно, така и хемотерапија, односно фактот што за терапијата и контролата сите пациенти мораат да дојдат во Клиниката за радиотерапија и онкологија. Тоа создава дополнителен товар особено за пациентите од другите градови кои трошат финансиски средства, време, отсуствуваат од работа, патуваат до Скопје, ангажираат уште еден придружник бидејќи тоа се лица кои често се и во тешка здравствена состојба“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Во Клиниката во Тетово 40 пациенти веќе ја примиле терпијата. До април вакви услови ќе има и во другите болници низ земјава. Над 7.000 посети помалку ќе има на Клиниката за онкологија со дисперзираното давање на терапија за пациентите.
Во подготовка е софтвер за распоредување на терапијата за секоја болница. Прегледите ќе ги врши онколог. До 2013-та година сите пациенти мораат еднаш месечно да доаѓаат на контрола на Клиниката, а од 2013 година за дел од пациентите се овозможи да доаѓаат со упат на 3 месеци.
На Клиниката за онкологија во завршна фаза е формирањето и адаптирањето на Кабинет за централна гравиметриска подготовка на хемотерапија.
Ана Јосифоска- Тодоровска
