САД го поддржува членството на Македонија во НАТО
Соединетите Американски Држави ги поддржуваат аспирациите на Македонија за членство во НАТО и за ова ќе биде разговарано на самитот на Алијансата во јули во Полска, изјави заменик- советникот за национална безбедност во Белата куќа, Бен Роудс. Тој сепак смета дека времето до јули е прекратко за да се донесе одлука за прием на Македонија во полноправно членство. Американскиот Претседател Барак Обама почесто ќе ја посетува Европа, но приоритетите остануваат борбата против тероризмот и односите со земјите во Азија.

Американскиот Претседател Барак Обама ќе биде поактивен во надворешната политика во 2016-та, соопшти неговиот заменик советник за национална безбедност и стратегиски комуникации Бен Роудс. Потпретседателот Џо Бајден на средбата со македонскиот премиер Никола Груевски даде поддршка за членството на Македонија во НАТО. Македонската телевизија го праша советникот во Белата куќа, дали во јули на самитот на Алијансата во Варшава, Македонија ќе стане членка на НАТО.
„Мислам, јасно е дека НАТО има политика на отворена врата и ги поддржува аспирациите на државите што ќе ги исполнат барањата за прием во НАТО. Што се однесува на Македонија, мислам дека јули би било многу кратко време, затоа мислам дека процесот најверојатно ќе се одвива во подолг временски период. Видовме и на Црна Гора и беа потребни повеќе години за да ги исполни барањата и праговите за влез како членка на НАТО. Повторно, ние ги поддржуваме аспирациите. Потоа имаме серија специфични чекори, капацитети, дијалог со НАТО што треба да се направат пред полноправно членство. И мислам дека тоа ќе биде подолг процес, но секако за ова ќе биде разговарано во јули. Аспирантите за НАТО често се дел од дијалогот на самитите за да можеме да го разгледаме прогресот што е направен и да заклучиме колку далеку е отиден за земја како Македонија“, изјави Бен Роудс, заменик- советник за национална безбедност и стратегиски комуникации во Бела куќа.
Обама ќе ја посети Германија и Полска за време на самитот на НАТО, но Балканот и натаму останува надвор од фокусот на американската надворешна политика, иако регионот се соочува со бегалската криза.
„Постои загриженост за тероризмот и миграцијата на Балканот, како и во остатокот од Европа. Тоа се работи на кои редовно работиме. Исто така работиме на поддршката на долгорочните политички и економски успеси на земјите од Балканот, каде Соединетите Американски Држави инвестираат значителни напори“, вели Роудс.
Приоритети на САД во 2016-та ќе бидат борбата против тероризмот, ситуацијата во Сирија и во Украина, нуклеарната програма на Иран и Северна Кореја и подобрување на односите со земјите од Јужна Америка.
Иако од Белата куќа најавуваат дека американскиот Претседател Барак Обама повеќе ќе патува во Европа, сепак негова последна посета до крајот на мандатот ќе биде во Кина во септември оваа година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
