Груевски за „Лидерс“: Реформи и добра бизнис- клима
Владата има пет стратегиски приоритети, еднакво значајни. Првиот е реализација на планот за членство во НАТО и во Европската унија и изнаоѓање решение како тоа да се направи без Грција да го попречи членството во двете организации, вели премиерот Груевски во интервју за американскиот магазин „Лидерс“. Економијата, добрите внатрешни односи, владеењето на правото и образованието се, исто така, во фокусот...

Во изминатите две години Македонија го достигна второто највисоко ниво на економски раст во Европа од 3,8%, а годинава очекувам резултат многу подобар од повеќето европски држави, изјавил премиерот Никола Груевски во интервјуто за реномираниот американски магазин „Лидерс“.
Предноста на Македонија во однос на другите конкуренти во привлекување странски инвеститори се најниските трошоци за водење бизнис во Европа. Низок персонален и данок на добивка од само 10%, односно 0 ако се реинвестира профитот, слободните економски зони каде 10 години не се плаќаат даноци. Предност за инвеститорите се и многубројните договори за слободна трговија што практично ја прави Македонија платформа за покривање на европскиот пазар, вели Груевски за „Лидерс“.
Атрактивната бизнис-клима е резултат и на многуте подобрувања на регулативата, реформските зафати и елиминирање на бирократските процедури во соработка со стопанските комори, што ја искачи Македонија од 96-то на 12-то место во Извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Сето тоа го вреднуваа многу странски инвеститори .
„Во минатото беа потребни неколку месеци да се отвори компанија. Сега тоа може да се стори за четири часа, од која било локација во светот. Нудиме и бесплатен интернет и евтини трошоци за старт-ап компаниите. Овозможуваме и електронско плаќање на даноците и електронска комуникација со царинската служба“, вели премиерот Груевски во интервјуто за „Лидерс“.
Најголем предизвик останува стапката на невработеност, вели Груевски за „Лидерс“. Во 2006-та изнесуваше 38% и беше највисока во Европа, а сега во време на светска финансиска криза е намалена на 26%, постојано се намалува, а оваа динамика ќе продолжи и во наредните 2 до 3 години. Земјава вложува во квалитетно образование, но го зголеми и бројот на високо образовани луѓе. Средното образование е бесплатно, намалена е цената на факултетското на 250 долари годишно. Преведени се повеќе од 1.000 учебници што се користат на водечките 10 светски универзитети. Факултетите добија најсовремени лаборатории, кои освен за истражување ги користат и компаниите.
„Вложуваме меѓу 5 и 6 проценти од нашиот бруто домашен производ во образованието. Исто така, имаме и висок процент на луѓе под 30 години – 41,2 проценти се во оваа старосна категорија, и тоа ни помага да привлечеме повеќе инвеститори. Компаниите што ќе отворат фабрика и вработат меѓу 300 и 500 работници имаат можност наставните планови да ги приспособат на нивните потреби и да добијат диплома според нивните потреби“, вели Груевски.
Македонија има политичка и макроекономска стабилност, денарот е врзан за еврото, а на компаниите им нуди ниски трошоци, поволни цени, квалитетна и образувана работна рака и голема понуда на искусни работници, што е предност за компаниите што решиле да инвестираат во Македонија, вели Груевски за „Лидерс“. Говорејќи за бегалската криза, премиерот нагласил дека со ангажирање на војската и на полицијата нивниот транзит е подобро организиран, луѓето добиваат храна, облека и медицинска помош, се регистрираат и за час-два податоците се споделуваат електронски со европските држави.
„Лидерс“ е единствен светски магазин кој ги пренесува ставовите и визиите на лидерите и највлијателните луѓе во светот. Претставува форум на идеи и мислења на светските лидери за клучни актуелни прашања.
Свето Николовски
