Промовирана сликовницата „Мајка Тереза-приказна за добрината“

14.01.2016 14:06

Промовирано илустрираното едукативно издание за деца „Мајка Тереза – приказна за добрината“. Според авторот преку слики е прикажан животниот пат на Мајка Тереза, заложбите за зачувување на мирот, љубовта и толеранцијата меѓу луѓето...

Првата сликовница на македонски јазик посветена на нашата сограѓанка „Мајка Тереза-приказна за добрината“ од Цветанка Вучковска денеска беше промовирана во Скопје. Изданието финансиски е поддржано од Министерството за култура.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека се промовира една необична читанка за деца која, како што рече, низ впечатливата раскажувачка фантазија на авторката Вучковска и низ прекрасните сликовни илустрации на Јулија Никовска Пешевска ни ја раскажува животната приказна и благородната мисија на Мајка Тереза.

Оваа сликовница е едно навистина интересно четиво за децата кое на еден позитивен начин ќе влијае врз нивната едукација, врз развојот на личноста кај најмладите, врз нивната перцепција за вистинските вредности во животот кои мора да се негуваат и да се почитуваат, рече Канческа-Милевска на денешната промоција во Спомен-домот на Мајка Тереза.

Министерката за култура нагласи дека преку оваа книга децата ќе се запознаат со ликот на Мајка Тереза, која својата рана младост ја помина во Скопје и целиот свој живот се грижеше за луѓето.