Од утре ќе може да се аплицира за „Купи куќа за млади“

14.01.2016 14:29

Во Собранието изгласан проектот „Купи куќа за млади“. Со амандманските интервенции проектот се проширува и за лицата кои наполниле 35 години. Ќе може да аплицираат и оние кои имале стан или куќа на свое име, но во последните три години ги оттуѓиле за купување на поголем дом.

Од утре ќе може да се аплицира за проектот „Купи куќа за млади“. Со 73 гласа „ЗА“ Собранието го донесе Ззаконот за субвенционирање станбен кредит. Со проектот Купи куќа за млади до 35 години без оглед дали се во брак или сами, ќе имаат можност преку два модела да добијат неповрати средства за да си го решат станбеното прашање.

Првиот модел предвидува исплаќање на субвенции на месечната рата во период од 11 години. Државата покрива 80 % од ратата во првите 8 години и 50% во следните три години. Преку вториот модел целосно се покрива учеството за кредитот за стекнување куќа.

Со овој проект ќе се даде голема поддршка за младите луѓе во Република Македонија за решавање на едно од клучните прашања во животот, а тоа е стекнување на сопствен дом што е основа за натамошно формирање на семејство и напредок во животот“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.  

Опозицијата сметаше дека Законот треба да важи и за луѓе со над 35 години, за мнозинството решението беше добро.

„Условите кои што сега ќе ги дадете откако ќе се изгласа законот за младите до 35 години, да важат за сите граѓани, за целиот проект Купи куќа, купи стан, да важат поволностите кои ги давате само за младите до 35 години“, вели Маријачно Николов, СДСМ.

„Било која мерка што ќе се направи секогаш може да биде проширена, дека секогаш ќе има одредена група на луѓе кои ќе бидат на граница, ќе бидат опфатени или нема да бидат опфатени. Носиме мерка која сме ја немале досега и која нуди дополнителни поволности во однос на проектот Купи куќа, купи стан“, рече Влатко Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ

Субвенцијата е неповратна, а имотот за време на поддршката од државата не смее да се оттуѓува. Со амандманските интервенции, проектот се прошири и за лицата кои наполниле 35 години. Ќе може да аплицираат и оние кои имале стан или куќа на свое име, но во последните три години ги оттуѓиле за купување на поголем дом.

 

Наташа Јанчиќ