До 31-ви март да се поднесат барања за легализирање дивоградби

14.01.2016 16:24

До 31-ви март годинава сите заинтересирани да поднесат барања за легализација на дивоградбите, апелира денеска министерот за транспорт и врски. Мисајловски присуствуваше на доделувањето решенија за легализација во Општина Илинден, беа доделени преку 30 одобренија за легализирање дивоградби, за семејни домувања и гаражи...

До 31 март да се поднесат барањата за легализација на дивоградби. Надлежните со апел да се искористи продолжениот рок.  Елаборатите, пак, можат да се достават и до крајот на 2017 година. Сепак, за луѓето кои веќе поднеле барања, рокот за достава на елаборати е до крајот на годинава.

„Досега се издадени преку 140.000 решенија, од кои преку 46.000 во Скопје. Општина Илинден е меѓу водечките во Македонија со легализирани 75 отсто или три четвртини од бесправно изградените објекти“, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Во меѓувреме,  на оние кои ја завршиле процедурата им се доделуваат решенијата за легализација.

„Согласно новите законски измени поднесени се уште нови 80 барања за легализација, што значи дека има интерес кај граѓаните и реална потреба за легализација на објектите“, вели Жика Стојановски, градоначалник на Општина Илинден.

Градоначалникот вели дека општината донела повеќе урбанистички планови, за да се овозможи интеграција на бесправно изградените објекти.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска