По нападот на Џакарта, соседните земји стравуваат од нови напади на ИД

15.01.2016 12:54

Сите институции, хотели и компании со странски капитал се со засилено обезбедување, а дел од авиокомпаниите ги откажаа летовите од и кон Џакарта. Граѓаните се во паника.

Светот стравува од теророт на џихадистите од Исламска држава по вчерашниот напад во Џакарта, соседните земји, Малезија, Сингапур и Филипини, прогласија највисок степен на тревога. Сите институции, хотели и компании со странски капитал се со засилено обезбедување, а дел од авиокомпаниите ги откажаа летовите од и кон Џакарта. Граѓаните се во паника.

„Се уште се чувствувам исплашен, а знам дека не треба да биде така, не смееме да се плашиме во нашата држава“, вели жител на Индонезија.

Верските лидери на петочна молитва повикаа на еднаквост и солидарност.

„Ги повикувам луѓето од цела Индонезија заеднички да застанат против насилството. Ова не треба да се случува во нашата земја. Рака под рака треба да си помагаме едни на други.“

Претседателот Видодо го посети кафулета каде беше извршен еден од нападите.

„Најважно е дека за релативно кратко време ситуацијата е под контола. Сакам да ги посетам луѓето кои вчера  беа потенцијални жртви, за да видам каква е состојбата“, изјави претседателот Јоко Видодо.

Потпаролот на полицијата Антон Чарлијан соопшти дека при претресот во една куќа е најдено знаме на Исламска држава, која ја предзеде одговорноста за нападот и дека е откриен идентитетот на четворица од петмината напаѓачи. Полицијата спроведе акција во повеќе региони и масовно апси луѓе за кои постојат индикации за било каква поврзаност со Исламска држава.

„Според информациите луѓето кои ги извршиле нападите ги следеле инструкциите од терористи. Истрагата е во тек и затоа нема да дадеме многу информации“, велат од полицијата.

Шефот на индонезиската национална полиција, ја информираше јавноста дека напаѓачите биле финансирани од Исламска држава, а според проценките годишниот приход на ИСИС  е две милијарди евра, а поголемиот дел од парите ги стекнува на нелегален начин.

 

Марија Петковска