Нова инвестиција: „ИКС- трејд“ ќе отвори 100 работни места

15.01.2016 16:49

Нова странска инвестиција во земјава. Во Скопје, почна со работа меѓународна компанија за он-лајн тргување на светскиот девизен пазар. Ќе отвори 100-ина работни места за високообразовани млади луѓе. Околу 30 работници се веќе ангажирани...

Меѓународна компанија која се занимава со он-лајн тргување на светскиот девизен пазар ја одбра Македонија за место каде што ќе ја лоцира својата инвестиција. Станува збор за фирмата „ИКС- трејд“ која има преку 600 вработени и претставништва на неколку континенти.

Компанијата почнува  да работи за неколку дена, а за почеток се ангажирани првите 32 вработени.  Компанијата во Македонија ќе отвори вкупно 100 нови работни места за млади високообразовани кадри.

„Со МТС Трејдинг Солушнс ние се стремиме да ги обучиме нашите вработени и да го прошириме нашето присутсво на другите европски пазари. Имаме во план да понудиме различни услуги, бидејќи веруваме дека имаме високи способности меѓу нашите вработени. Се стремиме кон приближување на новиот пазар на Балканот и ќе инвестираме многу во обука и во пренесување на нашето знаење“, изјави Шејла Кампањано, директор на „ИКС- трејд“.  

Според министерот Џери Наумов оваа инвестиција ќе придонесе за намалување на невработеноста.  

„МТС Трејдинг Солушнс во следните две години ќе најдат вработени кои се специјализирани во областа за продажба и поддршка за клиенти, на финансиските пазари каде се зборува француски, италијански, словенечки и англиски јазик. Овие професионални работни места ќе бидат високо платени, ќе вклучуваат дополнителни компензации засновани на сработеното“, вели министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумов.  

Оваа е четврта инвестиција неделава. Ова, според премиерот Груевски, е уште еден показател дека напорите на владата за привлекување нови инвестиции даваат резултат.  Груевски рече дека останува фокусот на обезбедување нови инвестиции и работни места, раст на економијата, подобар стандард и поквалитетен живот за сите граѓани

„Ние сме силно фокусирани на овие цели, Македонија има резултати какви што досега никогаш немала, ние не планираме да отстапиме од овој пат. Сосема напротив, планираме да нагазиме уште појако и со уште посилно темпо. Тој што може да не следи- нека повели, тој што не знае- нека гледа и нека учи како се работи за доброто на граѓаните и народот“, изјави премиерот Никола Груевски.  

Оваа инвестиција се реализира за помалку од една година. Меѓународната компанија „ИКС- трејд“ ќе работи за пазарите на Франција, Англија, Словенија и на Италија. 

 

Викторија Милевска