Канческа-Милевска ја посети Спомен-костурницата од НОВ во Велес

15.01.2016 14:25

Канческа-Милевска информираше дека во реконструкцијата на овој значаен споменик на културата од НОВ, која траеше во изминатите неколку години, Министерствто за култура од својот буџет издвоило 4,5 милиони денари.

Во завршената реконструкција на Спомен-костурницата од НОВ во Велес денеска увид направи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со директорот на Националниот конзерваторски центар Мемет Селмани, градоначалникот на Велес Славчо Чадиев и директорите на културните институции од градот.

Канческа-Милевска информираше дека во реконструкцијата на овој значаен споменик на културата од НОВ, која траеше во изминатите неколку години, Министерствто за култура од својот буџет издвоило 4,5 милиони денари.

Најпрво, рече таа, беше извршена надворешна екстериена реконструкција на Костурницата со заштитен слој да се заштити внатрешноста од прокиснување од дожд и снег, потоа е извршена и внатрешна реконструција, како и реконструкција на вредниот мозаик во внатрешноста кој е дело на академик Петар Мазев.

Објектот е спцифичен затоа и реконструкцијата беше детално правена, а се со цел да се заштити овој значаен споменик на културата. Со извршената санација, она што граѓаните на Велес го очекуваа и е значајно за градот, верувам дека овој значен споменик на културата повторно ќе си го најде своето значење и важност, изјави министерката за култура.

Таа информираше дека во договор со директорката на Народниот музеј Велес, четири скулптури од Станко Павлески кои се во музејското депо, ќе бидат поставени во внатрешноста на Спомен-костурницата, а претходно ќе се реставрираат со средства од Министерството.