Православните верници слават Богојавление - Водици
Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година.

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление - Водици кој се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. некрстени денови.
Граѓани за Водици 2016 Како и во минатите години, најмасовно беше во Скопје и во Охрид. Централната манифестација во Скопје се одржа напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го положи крстот во Вардар од мостот „Слобода“.
Дваесет и шестгодишниот Даниел Дончевски од скопската населба Ченто успеа меѓу 110 учесници прв да стигне до крстот во водите на Вардар.
