Договорот од Пржино- клучен за евроинтеграциите

20.01.2016 15:12

Со вратоврски во традиционалната холандска боја, портокалова, претседавачот со ЕУ ги претстави приоритетите во македонскиот Законодавен дом. За Холандија има предност тековната миграциска криза, во одреден временски период Западниот Балкан треба да се интегрира во Унијата, а со тоа и Македонија.

Нужно е да се направи компромис меѓу политичките партии за исполнување на сите обврски од договорот од Пржино, порача холандскиот амбасадор во земјава од Собранието. При претставувањето на приоритетите за следните шест месеци додека неговата земја ќе претседателствува со Унијата, Пломп ја пофали Македонија дека успешно се справува со бегалската криза- проблем што се наоѓа меѓу првите на листата за справување.

Договорот од Пржино не е мртов иако има многу болести од кои една е хронична, рече евроамбасадорот во земјава, Аиво Орав. Потсети дека земјава постојано доцни со имплеметирањето на договореното, но рече оти верува дека под медијаторство на Брисел проблемите ќе се надминат.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бесими повика на фер и демократски избори, како решение за политичката криза и повторување на препораката за земјава.

За пратениците од власта изборите на 24-ти април се клучен фактор за реафирмација на демократските вредности во земјава и за надминување на наметната политичка криза од страна на опозицијата.

Пратениците од опозицијата, пак, со став дека најпрвин се потребни темелни реформи во општеството и политички консензус за државните интереси, а потоа фокусот да се стави на предвремените парламентарни избори.

 

Игор Панов