Четвртата индустриска револуција во фокус на Светскиот економски форум во Давос
Околу 2.500 учесници од стотина земји, меѓу кои 40 шефови на држави, учествуваат на Светскиот економски форум што почнува денеска во Давос, Швајцарија. Годинава ќе се разговара за „Совладувањето на четвртата индустриска револуција“, предизвикана од брзите и масовни иновации во области како роботиката, беспилотните летала и биотехнологии. Меѓу главните теми се и бегалската криза, сиромаштијата, глобалните финансии.

ММФ по трет пат за една година ја намали прогнозата за растот на светската економија на само 3,4% во 2016-та и 3,6 во 2017-та, што претставува намалување за 0,2 процентни поени во однос на предвидувањата од октомври. Американската економија ќе расте со стапка од 2,6, додека Кина ги задржа досегашните прогнози за раст од 6,3%.
Европската економија доби минимална корекција во плус,но и предупредување од ММФ дека ќе има економски последици од бегалската криза и побара подобра интеграција на мигрантите.
Слично прогнозира и агенцијата „Стратфор“, која очекува повторување на бегалската криза во циклични бранови, кои ќе се зголемуваат со доаѓањето на летото. Одговор на сите овие предизвици бара Светскиот економски форум во Давос. Главна тема е четвртата индустриска револуција за што ќе дебатираат највлијателни глобални менаџери. Сепак приватниот капитал очекува владите да креираат подобар бизнис амбиент и сериозни вложувања во подобрување на инфраструктурата.
„Владите во сите земји имаат потреба да ги препознаат предизвиците и одговорноста за планирање и да ги приближат проектите до пазарот. Не треба да се очекува позначајно учество на приватниот капитал, но владите треба да креираат окружување што ќе ги отвори проектите за инвестирање на приватниот сектор“, вели Џулијан Вела- менаџер во КПМГ.
Околу 2.500 учесници од над сто земји, меѓу кои 40 шефови на држави и влади, учествуваат на годинашнава сесија во Давос.
За разлика од лани ги нема Обама, Путин и Меркел, но присутни се Кристин Лагард, Бил Гејтс и десетици глобални врвни менаџери.
Свето Николовски
