Со државна помош до сопствен бизнис
Невработените кои имаат идеја за бизнис можат да аплицираат за грант за самовработување. Рокот за доставување на документите истекува за девет дена. Државата за оваа мерка, со 207 милиони денари, планира да отвори 920 мали бизниси...

Уште девет дена невработените со идеја за бизнис можат да аплицираат за грант за самовработување. Ќе добијат државна помош од најмалку 3.500 евра. Годинава се предвидени 207 милиони денари за 920 мали бизниси. Се очекуваат 1.000 нови работни места. Приоритет за вклучување во програмата ќе имаат невработените кои првпат аплицираат за грантот.
„Сите невработени лица кои имаат идеја да го формализираат својот бизнис се повеќе од добредојдени да аплицираат во Агенцијата за вработување, заклучно со 29 јануари оваа година и да добијат поддршка од државата од најмалку 3.500 евра за сопственото самовработување. Додека, вториот јавен повик се однесува на обуката кај познат работодавач и пред се е од корист за работодавците, кои имаат потреба од агажирање на работници чиј профил е дефицитарен, а државата ќе ги покрие сите трошоци во поглед на трошоците за обуката и плата во првиот 6- месечен период од ангажманот на работникот“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
За втората програма нема фиксен краен рок за апликација. Повикот ќе трае до пополнување на квотата за искористеност на средствата. Обуката е три месеци и е покриена со паричен надоместок од 6.200,00 денари месечно.
Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50 насто од кандидатите. Оперативниот план за годинава има средства од 11,5 милиони евра.
Сунчица Николоска
