Груевски: 5 нови проекти за младите

20.01.2016 16:25

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ претстави дел од проектите за младите од партиската програма. Меѓу нив, бесплатна железница, нови читални, обуки за компјутери, инвестиции во студенските домови. Во фокусот, рече лидерот на партијата, останува отворањето нови работни места за младите...

Бесплатен железнички викенд за младите до 27 години, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски како дел од партиската програма. Секој прв и трет викенд од месецот, младите ќе добиваат бесплатен повратен билет што ќе може да го користат од петок до понеделник на пладне.

„Владата со цел да се спроведе оваа мерка ќе исплаќа дополнителни трансфери кон Македонски железници. Предвидениот рок е март 2016-та година, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“, Никола Груевски.

Во наредните 4 години вкупно 8.000 млади до 29 години ќе добијат бесплатна компјутерска и јазична обука со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Во државните студентски домови ќе се изградат пералници за алишта, а во градските паркови во 18 градови, ќе се инсталира фитнес опрема. За младата популација најавено отворање и на три читални во Струмица, Аеродром и во Велес.

„Овие проекти се добро обмислени и се обезбедени сите потребни услови за нивна реализација и од содржински и од формален аспект. Јас гледам огромен потенцијал во младите. Младите се силата и енергијата на нашето време. Младите се нашата иднина, и затоа се овие проекти, сите детално разработени и подготвени за спроведување“, нагласи Груевски.

Отворањето нови работни места останува во фокусот на партиската програма на ВМРО – ДПМНЕ, со посебен акцент на младата популација, рече Груевски пред подмладокот на партијата.

 

 

Анита Димитријевска