Министрите од СДСМ положија заклетва
Министрите за внатрешни и за труд и социјална политика од редовите на СДСМ положија свечена заклетва. ВМРО-ДПМНЕ го поздрави нивното учество во институциите на системот, од СДСМ велат – нема да го прекршиме договорот од Пржино...

Во Собранието министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски положија заклетва. Продолжува учеството на опозицијата во владата за спроведување на изборите. Пратениците на СДСМ и колициските партнери по вчерашното отсуство се вратија во пленарната сала.
„Го поздравувам тоа што министрите на СДСМ дадоа заклетва, мислам дека е добар гест да се вратат во институциите и заедно да продолжиме да ги остваруваме приоритетите на Република Македонија и исполнување на обврските на договорот од јуни и јули“, рече Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нити СДСМ го напушти Парламентот, нити го прекрши договорот. СДСМ поради одликите кои што требаше да ги донесе на Централен одбор на синоќешната седница не учествуваше во работата. После едностраниот чин кој вие како парламентарно мнозинство го направивте во понеделникот со неуставна одлука да го распуштите парламентот, а парламентот денес пак да работи“, рече Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ.
СДСМ не прифаќа избори на 24-ти април без пречистен избирачки список и регулација на медиумите. Ваквата одлука по синоќешната расправа на Централниот одбор на СДСМ е само потврда на веќе претходно искажаните ставови на лидерот на партијата Заев. Опозициската партија, како што рече Заев, остава простор за коригирање на датумот на изборите.
„Ние нема да бидеме причина за кршење на договорот од Пржино. До пред распуштањето на парламентот, даваме шанса да се коригираат одлуките за датумот на изборите за да може да се исполнат условите за фер, демократски и регуларни избори преку навремено пречистување на избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Одговорното и достоинствено однесување на сите политички фактори мора да бидат императив, а земјава да оди напред за да не биде заложник на политичка криза и агонија, реакција од ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на СДСМ. Очекуваат опозицијата, која го води МВР и има претседател на ДИК, институции од кои директно зависат изборите, да го даде својот придонес во организирањето фер и демократски избори и да не го опструира процесот.
„Доста е од закани, доста е од лажни пароли и навреди, време е македонија да продолжи напред по патот на напредокот. Граѓаните тоа го очекуваат од нас. На 24-ти април народот на фер и демократски избори ќе каже што мисли за партиите и за нивното однесувње и понуда, програма, и СДСМ нема да можат да избегаат од волјата на народот“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Новата влада во која учествува и СДСМ има една и единствена цел, организирање фер и демократски избори, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Наташа Гркова- Петрушевска
