Почна второто полугодие, за матурантите следната недела екстерно тестирање
По три неделниот распуст, детскиот џагор одново се слушна во училиштата. За околу 270.000 ученици почна второто полугодие. Матурантите ги повторија старите лекции. Наредната недела ќе бидат екстерно оценувани...

За околу 270.000 ученици денеска почна второто полугодие. Основците го дочекаа радосно, а матурантите со книга в рака. Заедно со наставниците ги повторија старите лекции. Наредната недела ќе бидат екстерно оценувани. Велат дека имале време да се подготват и да ги учат прашањата. За неколку дена ќе ги добијат и предметите што ќе ги полагаат.
„Екстерното не е некој поголем пробелм за нас средношколците, бидејќи и претходните години веќе го поминавме, прашањата не се тешки, тоа се прашања кои цела година ги учиме.“
„Овој распуст се одморав, се посветив на шетање, овие денови ќе се посветам и на екстерното тестирање посебно од како ќе го дознаеме предметот.“
„Ни се дава шанса да ги подобриме оценките, прашањата се лесни и се од општи познавања.“
„Оваа година прашањата се помалку, па ќе имаме доволно време да ги разгледаме. Се надевам дека оваа година ќе биде подобро“, велат матурантите кои ги анкетиравме.
Три дена пред оценувањето, на влезните врати од училиштата ќе бидат објавени двата предмета што ќе се полагаат, а прашањата се познати од 25-ти декември. Раководствата на училиштата тврдат дека ги направиле сите контроли тестирањето да мине без проблеми.
„Како училиште ние сме подготвени, особено од технички аспект, бидејќи тоа е еден важен дел од екстерното тестирање. Тоа е веќе рутинска работа, мислам дека нема да има никакви проблеми и ќе се покажат добри резултати“, вели директорот на средното училиште „Васил Антевски- Дрен“, Aлександар Канурков.
Со јануарското тестирање ќе бидат опфатени матурантите од сите средни училишта. Екстерното ќе се реализира од 25-ти до 29-ти јануари .
Викторија Милевска
