Ракомет: Навивачите очекуваат победа против Хрватска

21.01.2016 15:28

Атмосферата пред натпреварот се вжештува и во кафеаните во земјава. Мечот е истовремено и можност да се навива за ракометната репрезентација, но и за поголемо дружење...

Како затишје пред луња. Наизглед тивко, но реално е многу раздвижено. Црвено- жолтите ја почнуваат втората фаза од европското првенство со коцкастите, Македонија- Хрватска веројатно ќе биде најследениот натпревар досега. Секако, не се знае што е поголемо очекувањето или желбата за победа.

„Мислам дека позитивен ќе биде резултатот за нас... Очекувам победа и подобра игра отколку со Србија...Победа, па макар и во последна секунда... Имаме квалитетни играчи, но треба да ја стегнеме одбраната“, се очекувањата на граѓаните.

Не е важно каде ќе се навива. Секој во свој стил.

„Во друштво навиваме секогаш, бодрење мора да има... Дома во семејна атмосфера, со пивце и грицки“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Се подготвува теренот и во скопските кафеани.

„Се надеваме дека ќе ја победиме Хрватска и ќе одиме натаму, заедно со пиво и пилешки прсти. Се надеваме дека ќе биде убаво и очекуваме гости вечерва“, вели Даниел трифуновски, шеф на ресторан.

На вечерашниот меч црвено-жолтите влегуваат со неколку значајни адути. Хрватот Ивица Обрван не само што добро ги познава противниците, туку важи за подобар ракометен стратег од Бабиќ. Хрватите од година во година прават се повеќе промени во својот состав, нашата репрезентација, пак, десетина години настапува со речиси ист состав.

Фиљана Кока