Најскапа изборна кампања во историјата на САД
Кандидатите за американски претседател од Републиканската и Демократската партија водат скапа кампања пред првите прелиминарни избори што почнуваат во февруари. Во игра се милијарди долари што се трошат на реклами во медиуми, социјални мрежи и митинзи. Експертите оценуваат дека во историјата на САД немало поскапа изборна трка од оваа за претседател во 2016-та...

Претседателските избори во 2016-та се најскапите избори во Соединетите Американски Држави. Очекувањата се дека претседателските кандидати ќе потрошат 5 милијарди долари. Кандидатите настапуваат на митинзи, плаќаат реклами во медиумите, но ги користат и социјалните мрежи. Кај републиканските кандидати најзастапен на Твитер е мултимилијардерот Доналд Трамп.
„Некои кампањи не се комотни во користењето на социјалните мрежи, на пример како Џеб Буш, кандидат којшто не се кандидирал за фунција 10 години и не ја разбира моќта на овие медиуми и претпочита тоа да го прават други во негово име. За разлика од Доналд Трамп. Тој покрај бесплатаната реклама што ја добива на телевизиите и на радио, не бил бил каде што е сега ако не користи моќта на социјалните мрежи, како Твитер и Фејсбук. Фејсбук има најширок обем на корисници, но Твитер се користи помалку, но тоа се влијателни луѓе и новинари“, вели Минди Фин, поранешен помагач на изборната кампања на Републиканецот Џорџ Буш.
Кај демократската партија, кандидатите Хилари Клинтон и Берни Сендерс ја водат кампањата и преку постирања на Твитер.
„Кај демократите, кампањите се насочени кон индивидуи достапни преку социјалните мрежи, но исто така и преку имејл. За привлекување на гласачи се користат СМС пораки, разговори преку интернет со нивните пријатели, соседи и колеги, но и преку пошта или преку телефонски повици. Овие кампањи кога добро ќе се изведат изгледаат како да се наменети за секој поединец, со користење на сите можни канали за нивно контактирање“, вели Џо Расперс, поранешен помагач на изборната кампања на Барак Обама.
Според последните анкети, кај републиканската партија најголем рејтинг има Доналд Трамп, а следат сенаторите Тед Круз и Марко Рубио, пензионираниот доктор Бен Карсон и поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш. Кај Демократите, по последната дебата, сенаторот Берни Сендерс и се доближи на Хилари Клинтон. Кои кандидати ќе останат во изборната трка ќе се знае наскоро по првите прелиминарни избори во Ајова и во Њу Хемпшир.
Некои претседателски кандидати ги користат социјалните мрежи за да го надоместат недостигот на финансиски средства за изборната кампања.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
