Oд мај, Скопје- Прага со авион

21.01.2016 16:38

Од мај повторно редовна авиолинија Скопје- Прага. Се очекува поголем прилив на чешки туристи и зголемување на карго превозот. Летови од Скопје кон Прага ќе има во понеделник, среда и во петок. Од напролет ќе бидат воведени уште три нови линии, кон Братислава, Копенхаген и Берлин...

По четири години, повторно директен лет од Скопје до Прага. Од 20- ти мај три пати неделно со „Чех ерлајнс“ до една од најраскошните европски метрополи. Билетите се во продажба, интересот голем.

„Самото време на летовите ќе биде во согласност со барањата на нашите клиенти. Билетот во еден правец чини 5.039 денари“, вели Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во „Чех ерлајнс“.

Зголемен број туристи, развој на деловните односи меѓу двете земји. Новата авиолинија е на барање на граѓаните и на бизнис заедницата. Се воведува во време кога авиосообраќајот доживеа вистински бум.

„Нашата упорност  резултираше со нови 20-ина линии до европските дестинации со многу поволни цени и достапност на билетите. Од напролет, освен кон Прага, ќе бидат воведени уште три нови линии“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Масајловски.

Над милион 560 илјади патници, лани за 22 насто повеќе корисници на услугите на македонските аеродроми споредбено со 2014- тата. За 11 насто поголем број воздухопловни операции. Од јуни, македонската метропола воздушно ќе се поврзе и со Братислава, Копенхаген и Берлин. Директната авио линија до Чешка- индиректна конекција до атрактивните Скандинавски земји. 

„Оваа линија беше успешна и по тоа што претставуваше еден транзитен центар помеѓу Скопје и многу други европски градови, вклучувајќи ја и Русија. Очекуваме да се зголеми и карго сообраќајот“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Директна авиоконекција со Чешка се воведува повторно по четири годишна пауза поради реструктуирање на авиокомпанијата која најави дека се враќа на традицоналните балкански рути.

 

Сузана Фиданска- Стоевска