Поддршка за 61 проект од креативните индустрии на четвртиот конкурс
Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, целта на конкурсите е да се поттикнат младите луѓе да го развиваат креативниот потенцијал и да создаваат инвентивни и квалитетни производи од кои ќе создадат бренд и ќе имаат финансиски бенефит.

Министерката за култура ги соопшти резултатите од 4-тиот конкурс за креативни индустрии. Поднесени биле 114 пријави, а 61 проект ќе добие финансиска поддршка. Триесет од прифатените се на физички лица, 31 на граѓански здруженија и други правни субјекти. Со нив вкупно 211 проекти добиле поддршка од почетокот на објавувањето на конкурсите во 2013 година.
Меѓу поддржаните се проектите дигитална керамика, апликации на кирилица на дизајнерски производи, прва модна колекција со 3д печатење, прв македонски бренд на покуќнина (Мираз), Фестивал на фигури од овошје и зеленчук, неколку проекти на здруженијата на граѓани наменети за лица со посебни потреби...
Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, целта на конкурсите кои произлегуваат од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017 е да се поттикнат младите луѓе да го развиваат креативниот потенцијал и да создаваат инвентивни и квалитетни производи од кои ќе создадат бренд и ќе имаат финансиски бенефит.
Министерката најави наредниот месец и изложба на сите проекти кои биле досега поддржани. Од Комисијата велат дека би сакале во иднина да се направи динамично катче низ сите градови. Да има павиљони од креативните индустрии.
