33 милиони евра за рурален развој во 2016-та

22.01.2016 14:10

Промовирана е програмата за рурален развој во 2016-та, чија вредност е 33 милиони евра. Програмата содржи 27 мерки, со кои се поддржува развојот во руралните подрачја.

До 20 февруари годинава земјоделците можат да аплицираат за субвенции за набавка на механизација за житни и индустриски култури. Според Програмата за рурален развој, поддршката е 50 до 75 отсто од вредноста на тракторите и другите машини. Младите земјоделци ќе добиваат грант од 55 проценти, а за недостапни рурални средини, стапката е 75 отсто од инвестицијата или максимум 57.000 евра по корисник.

И годинава аплицирањето ќе биде по елетронски пат за што е неопходно земјоделците да се евидентирани во Фарм регистарот. Постапката е максимално поедноставена, потребните документи се сведени на минумум.

Ги охрабруваме сите што сакаат да го модернизираат производството преку набавка на механизација, да аплицираат на повикот што Платежната агенција го објави вчера. Ако некои од земјоделците, особено повозрасните, не се во можност електронски да аплицираат, можат да се обратат во најблиската канцеларија на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, како и до стручните тимови кои се веќе на терен и остваруваат директни средби со производителите, изјави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

Секој апликант може да поднесе барање за поддршка на инвестиција вредна најмногу 3,5 милиони денари. Со условите се посебно стимулирани младите земјоделци и жените сопственици на земјоделски стопанства.