Јасна законска регулатива за парламентарна контрола врз работата на УБК и АР
Поголема парламентарна контрола со засилен експертски и технички тим врз работењето на тајните служби, препорака од Центарот за безбедност, правда и развој. Добрата внатрешна контрола и надворешниот надзор, клучни за промените во организациската култура на безбедносниот апарат.

Законска регулатива со јасно поставен мандат и овластувањата на посебните служби кои вршат прикриени разузнавачки активности, но и релевантни процедури за давање овластување за таквите методи. За ефикасна парламентарна контрола над тајните служби, потребна е добра законска регулатива, велат од женевскиот Центар за безбедност, правда и развој. Пред собраниските Комисии за надзор на работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање и за следење комуникации, претставени и препораките.
„Законот исто така треба да воспостави мандат и точни овластувања на телата за надзор, односно комитетите во овој случај. Јасноста на тоа кој и што контролира е од клучно значење. Колку е појасно, толку е полесно за имплементирање“, изјави Марк Ремилард, Центар за контрола на вооружените сили од Женева.
Парламентарната контрола над безбедносните служби мора да биде зајакната со надворешно и независно експертско тело по примерот на Хрватска, Данска, Холандија, Норвешка и Шведска.
„Важно е да ги сослушаме како што треба и да ги послушаме, и истите да ги имплементираме- она што е прифатливо во работата на нашите комисии и на целиот безбедносен систем во Република Македонија“, вели Хари Локвенец, претседател на Комисијата за надзор над работата на УБК и АР.
„Република Макеоднија има проблем со ниското ниво на безбедносна култура, а тоа е случај и кај пратениците. Имаме проблем со ниското ниво на доверба, кое постои помеѓу пратениците, членови на овие комисии, воедно и ниското ниво на соработка кога станува збор за прашања од областа на надзорот“, рече Павле Саздов, член на Комисијата за надзор над работата на УБК и АР.
За ефикасен парламентарен надзор потребен е стручен и технички кадар. Пратениците да добијат и овластувања за инспекција на техничките капацитети на тајните служби и во просториите на телекомуникациските оператори, се дел од препораките.
Членовите на комисиите да имаат пристап до класифицирани информации, а потребно е да се применат посебни процедури за заштита на потребно ниво на тајност во комисиите.
Игор Панов
