Скопје: Промовиран првиот електричен автомобил за градската администрација

22.01.2016 15:16

По набавката на неколку електромобили и електро велосипеди за туристичко разгледување, и градската администрација доби две возила на електричен погон.

Намалувањето на загадувањето на животната средина, како и на трошоците за превоз, се основните цели на проектот „Електра“ што го спроведува Град Скопје. По набавката на неколку електромобили и електро велосипеди за туристичко разгледување, и градската администрација доби две возила на електричен погон.

Новото електрично возило на Град Скопје е со моќност од околу 110 коњски сили и има батерија од 24 киловат часа. Со една полна батерија може да помине 190 километри. Батеријата може да се наполни со обичен приклучок за десет часа, а доколку се користи специјален приклучник за четири часа. Вредноста на потребната електрична енергија за едно полнење е 67 денари, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, додавајќи дека двете катни гаражи изградени од Градот Скопје имаат полначи за електромобили.

Трајановски изрази надеж дека Градот Скопје со набавката на првиот електричен автомобил ќе даде пример на сите останати и институциите и приватните компании да почнат да купуваат електромобили.