Субвенции за земјоделска опрема и механизација
Пријавувањето е електронски. 50 насто се пари од државната каса за кофинансирање на веќе завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот. Ставката се зголемува кога баратели се млади земјоделци.

Земјоделците кои сакаат да набават нова механизација до 20-ти февруари може да аплицираат на огласот за субвенции. Пријавувањето е електронски. 50 насто се пари од државната каса за кофинансирање на веќе завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот. Ставката се зголемува кога баратели се млади земјоделци. До 75 насто се покриваат трошоците на земјоделските стопанства лоцирани во недостапни рурални заедници.
„Модерната земјоделска механизација е голема потреба и барање од земјоделците на терен, па за таа цел решивме веднаш на почетокот од годината да почнеме со програмата за рурален развој“, изјави Ванчо Костадиновски, заменик – министер за земјоделство.
Поедноставена е постапката за аплицирање, земјоделците треба да достават деловен план, изјава и оригинална понуда од добавувачот на механизацијата. Субвенции може да бараат земјоделците што лани произвеле најмалку 1,5 хектар житни и индустриски култури.
„За инвестиција до 600.000 денари се добиваат 70 бодови, за инвестиција од 600.000 до 800.000 денари се добиваат 60 бодови, додека за инвестиција од 800.000 до 1,2 милиони денари се добиваат 50 бодови“, нагласи Кирил Тодоровски од Платежната агенција.
Мерката е дел од годинашната програма за рурален развој вредна 33 милиони евра. Од 2009- та досега преку програмата се набавени над 2.200 трактори и повеќе од 7.000 други парчиња земјоделска механизација.
Викторија Милевска
