Не стивнува бранот бегалци, нова трагедија на Егејско Море
Повеќе од 40 загинати, бегалци и мигранти, во две одвоени бродски несреќи во Егејското море. Криумчарите небезбедно ги пренесувале.Се трага по преживеани...

Продолжува голготата на бегалците. Нова трагедија во Егејското море. Најмалку 42-ца загинаа, повеќемина се водат за исчезнати во два одделни инцидента откако потонаа бродовите што требаше да ги одведат мигрантите до посакуваната дестинација. Меѓу загинатите има седумнаесет деца. Грчката крајбрежна стража спроведе голема акција во потрага по евентуално преживеани.
„Состојбата е многу опасна за Грција. Секојдневно доаѓаат голем број луѓе, приливот на бегалци е поголем од очекуваното. Ние веќе не можеме да се грижиме за нив. Се плашам дека состојбата ќе предизвика домино ефект“, вели градоначалникот Емануел Ворунос.
Европските лидери се соочуваат со проблем кој засега нема решение. По Шведска, и Австрија соопшти дека ќе го ограничи бројот на приматели на азил во 2016-та. Шефот на австриската дипломатија, Курц овој чекор го дефинираше како„повик за будење“ на Европа. Верувам дека постои долгорочно решение, но додека не се најде, ние сами мора да се заштитиме, додаде Курц.
Германскиот министер за финансии, Шојбле, решението на проблемот го гледа во инвестирање милијарди евра во земјите во кои има жаришта и од каде што доаѓаат бегалците, бидејќи кризата досега финансиски влијае многу повеќе на Европа одошто се очекуваше.
Обединетите нации изразија загриженост за состојбата на бегалците. Според нив, лошите временски услови го отежнуваат патот на жените и децата. Во дел од камповите каде што се сместени нема ни основни услови за живот.
„Нема услови, многу е студено додека патуваме. Но, во Сирија е страшно. Видовме многу мртви луѓе, а бомби експлодираат речиси на секој чекор“, вели еден бегалец.
„Среќен сум што многу организации доаѓаат да им помогнат на луѓето. Им носат се што им е неопходно“, изјави Филипо Гранди, комесар на УНХЦР.
Министрите за внатрешни работи на Европската унија в понеделник во Амстердам ќе разговараат за опциите за продолжување на привремените гранични контроли во Шенген зоната за да се контролира приливот на мигранти.
Марија Петковска
